ТРГОВИЈАТА МЕЃУ МАКЕДОНСКИТЕ И РУСКИТЕ КОМПАНИИ ЗА ДЕСЕТ МЕСЕЦИ ДОСТИГНАЛА НАД 142 МИЛИОНИ САД ДОЛАРИ
За десет месеци од годинава компаниите од Република Северна Македонија и Руската Федерација остварија вкупна трговска размена во висина од 142.768.912 САД долари.Македонскиот извоз изнесувал 61.221.460 САД долари, додека увозот ја достигнал бројката од 81.547.452 САД долари.Во овој период Република Северна Македонија белези трговски дефицит во трговијата со Руската федерација во висина од 20.325.992 САД долари.
Инаку, до крајот на октомври годинава македонското стопанство остварило вкупна стоковна размена со странство во висина од 1 002 194.3 милиони денари.Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – октомври 2025 година, изнесува 413 102.0 милиони денари и бележи пораст од 2.26 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – октомври 2025 година, изнесува 589 092.3 милиони денари, што е за 4.16 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.Во овој период македонското стопанство оствари трговски дефицит во трговијата со светот во висина од 175 990.3 милиони денари.
Во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи.
Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за пренос на лица.
Во овој период според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои учествуваат со 47.6 % во вкупниот обем на размената. Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 59.4 % во вкупната размена.


