Loading Now

М-Р ДЕЈАН БЕШЛИЕВ ВО РУСИЈА: ТРАСИРАЊЕ НА СТОПАНСКАТА СОРАБОТКА СО ИВАНОВСКАТА ОБЛАСТ

М-р Дејан Бешлиев, извршен директор  на Македонско-руската стопанска комора престојува во деловна посета на Руската Федерација.Првата станица на неговата посета беше Ивановската област која брои 1.114.000 жители и чии административен центар е Иваново.Идејата за посетата на оваа област  со цел трасирање на стопанската соработка произлезе во текот на посетата на м-р Дејан Бешлиев во Москва и неговото по втор пат учество на економскиот форум “Русија-Балканот во архитектурата на мултиполарниот свет. Перспективи за економска интеграција” во март годинава. Проценка од страна на Македонско-руската стопанска комора врз основа на сугестиите од руска страна е дека постојат значителни можности за воспоставување на економска соработка со оваа област.

Во Иваново м-р Дејан Бешлиев имаше средба со Јулија Туманова, директор на Агенцијата за инвестиции на Ивановската област, а потоа имаше прием во Стопанската комора на Ивановската област. Во Комората тој беше примен од Дмитриј Малишев, потпредседател на оваа стопанска асоцијација.

-Главна цел на средбите беше воспоставување на  економска соработка меѓу компаниите од двете земји во индустриите кои сега не се под санкции, а во иднина кога ќе се создадат нормални услови за меѓусебна стопанска комуникација да се развијат и пообемни и поинтензивни  економските односи со оваа област која,  всушност,  е лидер во развој на малиот и среден бизнис во Руската Федерација, – потенцира м-р Дејан Бешлиев.

Во Стопанската комора на Ивановската област со домаќините беа водени разговори и беа скенирани можностите за соработка меѓу индустриите од двете држави кои се компатибилни.Изнесени се и предлози за поинтензивна соработка, за што посебно би придонело и организирање и посети на бизнис делегации од заинтересирани компании кога тоа ќе биде во  можност, одржување на билатерални бизнис средби, како и  евентуално потпишување на договор за соработка на двете стопански асоцијации.

Во првите четири месеци од 2025 година трговската размена меѓу С.Македонија и Руската Федерација достигнала вредност од нешто над 85 милиони САД долари.Македонските компании на рускиот пазар пласирале стоки во висина од 15,7 милиони САД долари, додека увезле стока за 69,3 милиони САД долари.Во овој период земјава има трговски дефицит во размената со Руската Федерација во висина од 53,5 милиони САД долари.

Активности