ДВАЕСЕТ И ЕДНА ГОДИНА НА МАКЕДОНСКО-РУСКАТА СТОПАНСКА КОМОРА
Македонска – руска стопанска комора одбележува 21 година од своето постоење! На 25 март 2005 година пред пошироката македонска јавност беше промовирана новата деловна асоцијација со идеа да биде мост на економска соработка меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација и да влијае на поттикнување и зголемување на трговската размена меѓу двете земји.
Во целиот изминат период од своето основање Македонско-руската стопанска комора бележеше раст по бројот на членките, a воспоставувањето на врските меѓу компаниите од двете земји резултираше со постојано зголемување на размената. Се до почетокот на руско-украинската војна пред нешто повеќе од четири години, што ги оптовари трговските односи меѓу двете земји.
– Условите на делување на Македонско-руската стопанска комора во целиот овој период постојано се менуваа со оглед на промените низ кои се движеше земјава и врз основа на влијанијата на глобалните случувања во кои тие се одвиваа. Но, тоа не го попречи нејзиниот развој и раст. Напротив, македонските компании кои ја препознаа Русија и Евроазиската унија како пазар за своите производи го диктираа нејзиниот развој и Македонско – руската стопанска комора прерасна во респектабилна деловна асоцијација со преку стотина членки, – се потсетува Ѓорѓи Дика, претседател на Комората. – И покрај моменталните потешкотии предизвикани од геополитички карактер, трговијата меѓу двете земји и натаму се одржува, се разбира со значајно намален обем.
Секако дека, руско – украинскиот конфликт значајно влијае на трговската размена меѓу двете земји, посебно зголемувајќи ги трошоците за нејзиното одвивање.
-Македонско – руската стопанска комора со сите сили се обидува да им помогне на македонските компании да ги реализираат своите планови за размена со Русија и тие тоа го препознаваат. Воедно сакаме да се заблагодариме на сите досегашни вкупно 170 членки на комората, некои од нив пасивни некои сеуште активни во работата на комората во овие изминати 21 година и на градење на институција која максимално се труди да ги испочитува барањата на своите членки.- – порачува м-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Комората. – Во таа насока, посебна благодарност на сите активни членки на поддршката што ја даваат во овој тежок период односно во последниве четири години за опстојување и редовно извршување на дејноста на македонско-руската стопанска комора
Значајна и за поздравување е и соработката со сите државни институции од Република Македонија и Руската Федерација кои до почетокот на конфликтот во изминатите години беа активен партнер во интерес на зголемување на економската соработка помеѓу двете земји.
– Со посебен оптимизам го дочекавме почетокот на преговорите за ставање на крај на актуелниот руско – украински конфликт и се надеваме дека набрзо ќе дојде до решение што ќе овозможи создавање услови за нормализирање на трговските односи и меѓу С. Македонија и Руската Федерација, – додава Бешлиев.


